Советот за развој на Источен плански регион, на ден 02.11.2026 година, во општина Чешиново – Облешево, ја одржа VI-тата седница.
Советот донесе Одлука за поддршка на иницијативата за отворање на професионален Театар за деца и млади во ИПР, поднесена од Милорад Ангелов – Професионален актер и иницијатор за основање професионален театар за деца и млади во Источниот плански регион и донесе конструктивни заклучоци во врска со Иницијативата.
На седницата беше претставен и предлогот на младинските совети на општините Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица за воспоставување на Регионален кариерен центар поврзан со концептот на internet café. Посебно внимание се посвети на младинските политики и создавањето нови можности за младите во регионот
Советот се запозна и со практични решенија за опремувањето на кабинети и лаборатории и за туристичката промоција и презентација на интерактивни панели.
Советот дискутираше и за евентуална реализација на предлог – проект „Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници и ветеринарно здравство во Источен плански регион“и доби детални информации за потребните финансиски средства за реализација на предлог-проектот, како за фактичкото функционирање на сличен реализиран проект во други региони, што овозможи разгледување на практичните аспекти, организацискиот модел и одржливоста на вакво регионално решение. Советот беше информиран и за потребата од интензивирање на процесот за донесување на измените на Законот за заштита и благосостојба на животните кој ги уредува прашањата за неодговорно сопствеништво, но и справувањето со уличната популација на кучиња.
Советот дискутираше и за иден регионален пристап во однос на заштита на населението во ИПР од вектор преносливи болести “Дезинсекција против возрасни комарци и ларви од комарци“.
Во рамки на активностите за решавање на прашањата од заеднички интерес, беше одржана и седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за Источниот плански регион.
Од страна на претставници на надлежни институции, одборот доби релевантни информации за напредокот и степенот на реализација на Договорот за „Затворање на нестандардни и диви депонии во Источниот регион“, беа разгледани досегашниот напредок, преземените активности и следните чекори неопходни за продолжување на процесот на реализација на овој проект.
Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион, дискутираше за состојбата и степенот на реализација на Договорот за „Изградба на централна постројка за управување со отпад за Источен и Североисточен регион во општина свети Николе“ и „Изградба на 6 локални постројки за управување со отпад за Источниот и Североисточниот регион – општините Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце и Куманово кои се реализираат во рамките на ИПА проектот „Воспоставување на интегриран и самоодржлив регионален систем за управување со отпад во источниот и североисточниот плански регион“. Имајќи ја во предвид комплексноста на проектот, Советот утврди потреба од поблиска меѓуинституционална соработка и координација со Министерство за финансии, со цел надминување на предизвиците.
Од страна на претставници од ЕНВИРОПЛАН, Одборот беше информиран и за Нацрт Регионалниот План за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион и за Нацрт Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за Регионален План за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.






